Царовска: Оние што нема да продолжат во високото образование не мора да полагаат матура

Матурата значи заокружување на едно ниво на образование. И за тоа во светот постои матура, таа си се одржува. Оние што нема да продолжат во високото образование не мора да полагаат државна матура. Тие може да полагаат училишна матура. Потои избор за ученикот, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа денеска се сретна со дел од наставниците кои предаваат во основните училишта и со нив разговараше за новиот концепт во основното образование кои треба да се воведе идната учебна година во прво и во четврто одделение. Денеска почна второто полугодие во основните и во средините училишта, а матураните ја бојкотираат наставата, бидејќи не сакаат да полагаат четири, туку два предмети.

Различна е сликата со бојкотот на наставата од матурантите. Една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување, сите други се изолирани групи во дел од гимназиите. Во Медицинското, на пример, нема ниту еден ученик што бојкотира. Тоа се мали групи кои искажуваат незадовлство и тоа е нивно легитимно право, изјави Царовска.

Во одговор на новинарско прашање по средбата со наставници од основни училишта посветена на нацрт-концепцијата, Царовска рече дека во интерес на учениците и на квалитетното образование во земјава е да се спроведе државната матура според актуелниот концепт. Треба да се менува, рече, но тоа ќе биде за наредната генерација матуранти кои ќе ја полагаат во 2022 година.

За таа цел, посочи Царовска, на состанок вчера со претставници на Сојузот на средношколци договориле да се формира работна група која од понеделник, заедно со Матурскиот одбор и со Државниот испитен центар кои се задолжени за државната матура, ќе работат да се подготви нов концепт за наредната учебна година.

Секако дека се потребни измени во концептот за матура, но оваа година е законски утврдено како се полага и зошто се полага матура, и од тоа нема бегање. Концептот е утврден на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе им направи проблем на учениците за запишување во високото образование надвор или во земјава. Токму затоа утврдивме дека сега одиме со овој концепт. Повеќе од 14 илјади ученици имаат пријавено да полагаат – и проектна задача и да ги полагаат предметите , истакна Царовска.

За да се осовремени завршниот испит, и за оваа година, рече, направиле некои промени – во проектната задача и во проширување на листата на изборни предмети за третиот екстерен испит со Географија и Информатика.

Средношколски сојуз од денеска ги организира матурантите на бојкот на наставата зашто бара намалување на бројот на предметите од четири (три екстерни и еден интерен) на два предмета, односно мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет од областа што ќе ја студира. Средношколски глас, пак, е воопшто да не се полага матурата и за нејзино укинување собира онлајн-потписи.