Царовска на состанок со директорите на училишта: Успешно заврши првото полугодие

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска одржа онлајн состанок со директорите на основните и средните училишта од државата за спроведување на наставата во првото полугодие од учебната 2020/2021 година. На состанокот беше истакнато дека и покрај работењето во вонредни околности, првото полугодие заврши успешно.

Според директорите, иако на почетокот на училишната година отпорот кон онлајн наставата бил голем, сепак хибридниот модел ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во какви што се работеше изминатите месеци.

Како што посочија директорите, наставниот материјал е поминат според предвидените скратени програми, а учениците се оценети.

Министерката Царовска потенцира дека со хибридниот модел – онлајн, со физичко присуство и со емитување на часови на телевизија, се постигна континуитет во наставата.

– Огромна благодарност до директорите, наставниците, учениците и родителите кои со силна посветеност и ангажман направија се успешно да се реализира наставата во услови на пандемија, посочи Царовска.