Царовска на онлајн-состанок со директорите: Успешно заврши оценувањето за првото тримесечје

Воспитно-образовниот процес од почетокот на учебната 2020/2021 година се одвива успешно. Оценувањето на учениците за првото тримесечје, според наставниците, заврши без потешкотии, а учениците и родителите имаат увид во оцените преку електронскиот дневник. Ова е заклучено на денешниот онлајн-состанок  на министерката за образование и наука Мила Царовска  со директорите и наставниците од основни и средни училишта, соопшти Министерството за образование и наука.

– Беше предизвик да ги оцените учениците во овие поразлични услови на настава. Но, убедена сум дека како наставници го најдовте најдобриот начин и методи да ги оцените знаењата и да ги формирате оценките за првото тромесечје, во оваа скратена учебна година, рече Царовска.

Во средните училишта во тек се подготовките за матурата, што треба да се одржи во законскиот рок. Министерката посочи дека следните шест месеци се доволен период за  подготвка за успешно спроведување на државната матура, согласно сите здравствени протоколи.

-Образованието продолжува и нема да дозволиме пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците. Испитните програми ќе бидат усогласени со скратените наставни програми. Вие како наставници, ние како Министерство и сите кои учествуваат во овој процес на заокружување на средното образование, ќе им помогнеме на учениците успешно да ги совладаат и овие заврши испити и да постигнат високи резултати. Полагањето на матурата е во најдобар интерес на учениците и е основа за натамошно надградување и продолжување на образованието на факултетите, нагласи министерката Царовска.

МОН информира дека во училиштата каде што се одвива настава со физичко присуство се почитуваат мерките и протоколите за заштита, што се потврдува и со податоците дека под 1 процент на наставници и под 0,06 проценти ученици се активни случаи и нема пренос на болеста во училиштата.

Кај учењето од далечина, пак, над 90 проценти од учениците следат онлајн-настава, а континуирано се намалува бројот на ученици кои немаат технички услови, како резултат на заедничкиот ангажман на МОН, локалните самоуправи, училиштата и компаниите со општествена одговорност.