Мерката трето дете не се укинува туку се трансформира. Воведуваме праведно право за демографски развој и додаваме право за прво дете, за второ и за трето дете со цел да нема дискриминација. За првото дете еднокаратен износ од пет илјади денари, за второто дете едонкратен износ од 20.000 денари, а за третото дете еднократен износ од 60.000 денари. Ова денеска го соопшти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– Дополнително граѓаните кои се во социјален ризик, добиваат право да остварат детски и образовен додаток, дури и оние кои се на минимална плата. Многу е важно дека трето дете како политика ја чини државата на годишно ниво повеќе од 2 милијарди и 600 милиони денари, но резулатите не се постигнати. Секоја мерка може да се воведе и по десет години гледате дали дала ефект или не, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на привремените живеалишта на бездомници во Визбегово.

Таа појасни дека ако се следи оваа мерка во десет години, се гледа дека не дала никаков ефект.

– Парите сме ги потрошиле и сме ги пуштиле во еден бунар затоа што во 2001 година наталитетот во Македонија бил 13,3, а во 2016 година тој изнесува 11,1 отсто, што значи дека таа инвестиција ниту е одржлива, ниту е исплатлива. Детската сиромаштија во Македониај е над 30 отсто. Ние сме инвестирале во семејства кои не се во социјален ризик и деца кои не се загрозени. Токму таа мерка никако немаше лимит. Секое семејство, и она кое има 200.000 денари плата и она кое има нула приход можеа да ја остварат оваа мерка. И  со тоа се создава една неправедност, рече Царовска.

Оваа Влада, како што додаде, верува дека само праведен систем, праведно насочување на парите и нивна редистрибуција може да донесе до квалитетна Македонија, Македонија која се движи кон ЕУ.