Царовска: Ја следиме КОВИД-состојбата во училиштата, во моментов е стабилна

Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и тие остануваат отворени за настава со физичко присуство на учениците, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Бројките што ги соопшти се исти како и во минатите недели, нема голем број КОВИД-позитивни ученици.  Процентот на новозаразени според дневните статистики, рече, се движи од 0,01 до 0,03, а вкупниот број  активни случаи во училиштата не надминува 0,3 отсто од вкупно 255 илјади ученици коишто следат настава со физичко присуство.

Посочи дека уште од летото училиштата се подготвени за три сценарија и дека најпосакувано е настава со физичко присуство бидејќи е од најголем интерес за учениците.

-Се следи ситуацијата и таа е стаблна во моментов. Но, доколку имаме алармантна ситуација и потреба од носење рестриктивни мерки и во другите сектори, секако дека Министерството за здравство заедно со Министертството за образование и наука ќе разгледува можности за следните сценарија. Но, апелирам дека ситуацијата е стабилна во моментов и дека во највисок интерес на секој ученик е тој да биде во училиште. Тоа не е само наша проценка, туку и според меѓународните организации што работат на квалитетот на образованието во целиот свет, посебно во земјите во развој како што е нашата, изјави Царовска по доделување на наградите од Конкурсот за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески.

Во врска со претстојниот конгрес на СДСМ на кој ќе се избира нов партиски лидер и нови состави на органите на партијата, Царовска одговори дека постапката е отворена и сите членови, рече, многу транспарентно имаат можност да се пријават.

-Мислам дека целиот тој процес на демократски начин ќе се одвива во нашата социјалдемократска партија, рече Царовска која е еден од потпретседателите на СДСМ.