Бутелска оаза - Скопје доби нов мега парк на површина од 50.000 квадрати!

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска сподели дека општината и градот Скопје, добија нова зелена оаза на место на кое биле ветувани згради и бетонизација.

„Она што со години беше депонија и симбол на негрижа, место кое беше ветувано за израдба на висококатници и бетонизација на Бутел денес го претвораме во огромен, модерен и функционален мега парк на површина од 50.000 квадратни метри. Со Орце Ѓорѓиевски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес покажуваме што значи кога се има визија и дадениот збор дека се исполнува“, истакна Костовски.

Тој посочи дека ова претставувало конкретен пример за тоа како со јасна визија, посветеност и вложување во урбаното зеленило може да се трансформираат запуштените и деградирани простори, во вредни јавни содржини кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

Бутелска Оаза опфаќа богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес зони и содржини за сите генерации.

„Повеќе зеленило значи почист воздух, помалку урбана жештина, поздрава животна средина и поквалитетен живот. Секое ново дрво, секоја нова зелена површина и секој нов парк се инвестиција во здравјето и иднината на општина Бутел. Бутел добива ново зелено срце. Скопје добива уште едно место за гордост“, порача градоначалникот.