
Синоќа во организација на фолклорното студио „Плетеница” а под покровителство и целосна поддршка на Општина Бутел во спортската општинска сала Антон Димитров се одржа целовечерен концерт со македонски ора.
„Македонскиот фолклор е нераскинлив дел од духовноста, врска меѓу минатото и сегашноста. Македонската народна уметност е посебен културен феномен пред кој не се останува рамнодушен“, истакна градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски во објава на Фејсбук.

Тој воедно посочи дека богатството и разновидноста на традиционалната македонска култура највпечатливо се изразени во народните носии, кои создавани долги години, пренесувани од колено на колено го зачувале својот автентичен сјај кој денес ја краси македонската култура.
„Народ без своја традиција и фолклор е дрво без корен. Затоа наша должност е да ги чуваме и негуваме македонските вредности, традицијата и фолклорот“, порача градоначалникот.