Бутел ќе се одблокира, ЕВН и жителите постигнаа договор – струја ќе добијат вечерва

Екипи на ЕВН веднаш ќе излезат на терен да го поправат дефектот за жителите во близина на капелата на Градските гробишта Бутел уште вечерва да добијат струја, а тие, пак, ќе ги отстранат блокадите.

Ова било договорено на денешната средба на жителите и ЕВН, со посредство на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски оти сообраќајната блокада беше на територија на Бутел.

Од ЕВН велат дека екипите ќе чекаат да се тргне блокадата за да можат да се пробијат до куќите кои немаат струја, оти од синоќа од 20 часот жителите поставија блокади кои останаа и денес, цел ден.

„ На последниот состанок е најдено решение. ЕВН ќе го санира дефектот, корисниците ќе ја намалат потрошувачката, разумно ќе користат електрична енергија за да нема дефекти, а од утре екипите ќе почнат со реконструкција на дистрибутивната мрежа. Со тоа ќе се добие сигурност во снабдувањето и ред во користењето на електричната енергија“, велат од ЕВН.

Жителите вчера попладне решија да ја блокираат крстосницата на улиците Босна и Херцеговина, Александар Урдаревски и Кемал Сејфула откако три дена немале струја. ЕВН соопшти дека секоја година имаат проблеми со потрошувачите од кои еден мал дел се на територија на Бутел, а поголемиот спаѓаат на Шуто Оризари поради диви приклучоци и неконтролирано трошење струја што доведувало до чести дефекти на трафостаницата. Од таму сметаат дека решение е реконструкција на целата мрежа, зафат кој досега жителите не им дозволувале да го направат.