Бура на социјалните мрежи по вчерашните инциденти: „ЈСП да воведе задолжителна обука за општа култура“

По вчерашната објава на Скопјеинфо дека возач на автобус на ЈСП физички нападнал патничка и контролори истепале патник во автобус создаде бура од коментари помеѓу корисниците на социјалните мрежи.

Еве дел од нив:

Јулијана Јакимовска вели: Предлагам пред да се вработи контролор во ЈСП да се направи психијатриски преглед. Некако сите ми делуваат мафијашки, се замислуваат дека се влезени во опасна операција. И задолжителна обука за општа култура.

Александра Гроздановска, пишува: Поголемиот дел од нив не велат: Добар ден, ве молиме вашиот билет, ни униформи носат, немаат индетификација или пак скриена им се во јакните.

Сузана Јовановска коментира: дека ако контролорите били нападнати од патникот требале да го спречат, а да го натепаат. А, возачот колку и да е нервозен не смее да си допушти да нападне жена.

По реакциите ЈСП излезе со соопштение во кое вели дека е запознаено со инцидент кој се случил меѓу патник и двајца контролори во автобус на линија 2 во Сарај кон Центар, неколку минути после пладне, а кој за кусо време ги преплави социјалните мрежи.

-Веднаш по инцидентот, на терен излезе екипа на Внатрешна контрола на ЈСП, а повикана била и екипа на МВР. Според исказот на контролорите, инцидентот се случил откако патник без билет физички го нападнал едниот контролор, по што, се вмешал и другиот контролор. Патникот, според Внатрешната контрола, се обидел да избега, но бил приведен од страна на екипа на МВР. И патникот и контролорите дадоа исказ во МВР. Во случајов, и Внатрешната контрола на ЈСП Скопје ќе утврди дали евентуално и контролорите имаат вина во инцидентот, односно дали го прекршиле Кодексот на вработените и дали против нив ќе се поведе соодветна дисциплинска постапка, стои во соопштението и се додава:

„ЈСП Скопје сака да потенцира дека не толерира кршење на Кодексот на вработените од страна на било кој вработен (возач, контролор, билетарка, аминистративен работник и слично) и е отворено за жалби/пријави/поплаки од секаков вид. Истите можат секојдневно да се доставуваат на веб страницата на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk или во инбокс на www.facebook.com/jspskopjee , со точно наведени податоци за настанот (ден, време, линија, гаражен број на возило и слично), за да внатрешната контрола или друга соодветна служба го испита случајот и против вработениот, доколку се утврди вина, презеде соодветна дисциплинска мерка“.

Ели на социјалните мрежи искоментира: Значи многу јасно дека ќе се вадат на тоа они биле нападнати! Проблемот со безобразното и непрофесионално однесување од страна на контролорите не е од сега, ама треба човек да убијат за да се разбуди свеста на народот. Така одат работите во нашето општество!