Бумбароски: Три месеци работиме без учебници и откако пристигнаа - не смее да се пишува во нив, каква иронија...

Учебниците за четврто одделение во училиштата пристигнаа кон крајот на месецов, поточно речиси три месеци учениците и наставниците се снаоѓаа сами како знаат и умеат. 

Но, сега иако има учебници, има и насока од надлежното Министерство како да се користат. 

На ова реагира наставникот Гоце Бумбароски. Еве што пишува тој на својот официјален фејсбук профил. 

-Минатата недела конечно добивме учебници по Македонски јазик и Математика за IV одделение (по три месеци од почетокот на учебната година). Ден - два потоа пристигна допис (информација) од МОН дека учениците не смеат да пишуваат во учебникот по математика. Три месеци работиме без учебници и откако пристигнаа - не смее да се пишува во нив, каква иронија..., вели наставникот. 

-Се прашувам зошто не смее да се пишува... Нели истите се конципирани во форма на работни тетратки каде што зададените задачи и активности меѓу другото налагаат и решавање во самата книга. Дури и текстовите на задачите се насочени во тој правец (фотографии во прилог).

Бумбароски ги повикува од МОН на чело со министерот да си ја преиспитаат оваа, како што вели, несериозна одлука и ведаш ја повлечат.

- На моите ученици нема да им го скратам правото да пишуваат во учебниците. Тие се за нив и ќе ги користат онака како што треба. До кога во образованието одлуки ќе носат луѓе кои не поминале ниту еден ден пред зелената табла со креда во рака, заклучува познатиот наставник.