Бугарските медиуми го „етикетираа“ Милатовиќ дека „ѝ се приклучил на пропагандата на Скопје против Бугарија“

Изјавите на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ дадени при неговата неодамнешна посета на Македонија покажуваат дека тој „ѝ се приклучил на пропагандата на Скопје против Бугарија“, пишува денеска бугарски „Бгнес“.

Во текстот на медиумот се тврди дека црногорскиот претседател ги „повторил манипулациите и лагите“ поврзани со европскиот пат на Македонија, а тој се критикува за неговите оценки за процесот на евроинтеграција.

„Бгнес“ ја издвојува изјавата на Милатовиќ во која тој вели дека на Македонија ѝ е нанесена неправда во евроинтеграциите и дека билатералните спорови со соседите често претставувале главна пречка. Црногорскиот претседател рече и дека во неговата земја Македонците се доживуваат како близок и пријателски народ, додавајќи дека чувството за неправда е широко присутно кај граѓаните.

На бугарскиот медиум исто така не му се допаднале и позитивните оценки што Милатовиќ ги упати за претседателката Гордана Силјановска-Давкова и за владата предводена од Христијан Мицкоски, што според нив дополнително ја потврдува неговата позиција.

Реакциите од Софија доаѓаат кратко откако слични критики беа упатени и кон хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој во повеќе наврати јавно ја поддржа Македонија во контекст на нејзиниот евроинтегративен процес.