Бугарската агенција за безбедност на храната ги засилува контролите на свежо овошје и зеленчук на „Деве Баир“ и „Ново Село“

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја информира јавноста и операторите со храна дека, согласно добиеното известување од Бугарската агенција за безбедност на храната, од 3 август воведени биле засилени официјални контроли при увоз на пратки со свежо овошје и зеленчук – домати, пиперки, праски и лубеници – преку граничните контролни пунктови Ѓуешево (Деве Баир) и Златарево (Ново Село).

Мерката, како што велат од АХВ, се однесува на пратки со потекло од трети земји (вклучително и од Македонија) кои се наменети за бугарскиот пазар.

„Операторите кои извезуваат или вршат транспорт на оваа категорија производи во Република Бугарија преку контролните пунктови на посочените гранични премини, при планирање и реализација на пласманот на пратките, да ги имаат во предвид воведените засилени официјални контроли“, посочуваат од АХВ.

Оттаму порачаа дека ќе ја следат состојбата и навремено ќе ги информираат операторите за сите информации од значење за непречено одвивање на трговијата и исполнување на законските барања.