Бугарска иницијатива за вело-Софија: „Скопје гради по 15км вело-патеки секоја година“

Непрофитната организација „Спаси ја Софија“ (Спаси София) како пример го зема Скопје кога се во прашање велосипедските патеки. Тие наведуваат дека Скопје, за разлика од Софија, инвестира во вело-патеки, додека во главниот град на Бугарија, во центарот, се паркираат и камиони. 

„Софија не прави апсолутно ништо за да ја развие велосипедската мрежа и да ја поттикне најеколошката опција за транспорт. Скопје, на пример, има петпати подолга вело-патека од Софија, што покажува дека оправдувањата како немање капацитет, простор, климатски услови и капацитет се неосновани“, се вели во објавата на организацијата. 

Тие нагласуваат и дека во последните три години се градат по околу 15 километри вело-патеки во Скопје, а и општините субвенционираат купување велосипеди, како и нивно изнајмување на привремено користење.