Буџет за 2019: 5% повисоки плата за администрацијата, а 10% за лекарите

Повисоки плати за лекарите специјалисти за 10% од јануари 2019 година и за 5% повисоки плати за вработените во здравството, образованието, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември 2019 година. Ова е предвидено со Предлог-Буџетот за 2019, кој денеска во Министерството за финансии беше јавно презентиран пред синдикатите, коморите, невладиниот сектор, експерите и медиумите.

- Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е најдобрите лекари, граѓаните да ги бараат во јавното, а не приватното здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги за сите. Сакаме да ги мотивираме здравствените работници. Знаеме дека работите не се менуват од денес за утре, но мора да се започне. Ние започнавме оваа година и продолжуваме посилно во 2019 година. Во Буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во образованието, како и вработените во градинките и детската заштита. Со цел градење на поефикасна и помотивирана јавна администрација планирано е покачување на 5% на платите на администрацијата, од септември 2019 година. Планирана е и реформа на јавната админстрација во 2019 година. Целта е да се подобрат јавните услуги. Јавната администрација ќе биде клучен носител на преговорите за присапување кон ЕУ и НАТО-рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека Буџетот за 2019 година е социјален, но и развоен. Во Буџетот е предвидена реформа во системот на социјалната заштита преку воведување на Минимален гарантиран приход и Семеен пакет на права. Со ова се олеснува пристапот до социјален надоместок на постојните 24.000 домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош, но се создава можност и за дополнителни 11.000 домаќинства. Предвидено е и воведувањето социјална пензија која ќе опфати околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години и која ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.