Бубашваби и лебарки се раздвижија по зградите

Топлото време ги раздвижи лебарките, бубашвабите и мравките по станбените згради, па овие инсекти одеднаш станаа натрапници во домовите на скопјани.

Нивното присуство згрозува, а единствен спас од нив е колективно прскање на цела станбена зграда. За жал, многу често тоа не е така, па прскаат само оние што најмногу го чувствуваат нивното присуство. Лебарките, бубашвабите, мравките, болвите, осите, стениците и некои други видови инсекти се пренесувачи на заразни болести кај луѓето. 

Од Службата за дезинсекција, дезинфекција и дератизација се децидни дека таквото поединечно уништување на овие инсекти секогаш е без успех, бидејќи инсектите шетаат и по становите на соседите. Затоа куќните совети или управителите треба да побараат од оваа Служба дезинсекција или дезинфекција на целата зграда. Само по нивно барање таа може да прска во објектот. Законски е обврзана во дуќаните, градинките, училиштата и здравствените установи два пати годишно да изврши по една дезинсекција, една дезинфекција и една дератизација.

Инспекциските органи ги контролираат приватните и државните установи и констатираат дали согласно со законските одредби се реализирани задолжителните дезинфекции и прскања против инсекти, членконоги, глодачи. За жал, велат од ДДД-службата, се' помал е бројот на приватни лица или куќни совети и управители кои бараат нивен ангажман, и покрај актуелната ситуација со бубашвабите и лебарките.

За да се дезинфицира или да се изврши дезинсекција во станбена зграда со 10 стана, на оваа служба треба да и' се платат околу 7.000 денари, односно цената е 7 денари од квадратен метар. Ако некој поединечно повика ДДД-служба, тогаш ќе треба да издвои 1.000 денари за дезинсекција на својот стан. Службата работи со закажување, а заинтересираните можат да ја добијат на телефонскиот број 2611-582 и да си договорат термин за прскање. 

Дезинфекцијата е важна за уништување и инхибирање на растот и размножувањето на патогените микроорганизми, кои можат да бидат причинители за разни болести. Се намалува популацијата на штетни инсекти, се спречува нивното натамошно размножување или се врши комплетно уништување на штетните членконоги, кои пренесуваат заразни болести или паразитираат во човечкото тело и предизвикуваат алергиски реакции.