БТР систем или 250 нови еко автобуси - за што ќе се одлучат скопјани?

Скопјани сметаат дека е време да добијат висококвалитетен јавен превоз. Потребно е сообраќајно решение за намалување на градскиот метеж, чекањето на семафори и аерозагадувањето.

Што нудат кандидатите за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов кој беше досегашен градоначалник и Данела Арсовска која е независна кандидатка, во однос на ова прашање?

БТР (Bus Rapid Transit) или 250 еко автобуси -  за што ќе го дадат свој глас скопјани веќе на 31. октомври кога се одржува вториот круг од локалните избори?

Шилегов во текот на својот мандат претходно рече дека Скопје е првиот град во овој дел од Европа кој воведува БРТ систем.

-БРТ системот на брз автобуски превоз за кој склучивме договор со ЕБРД за кредит од 70 милиони евра како супститут на трамвајот кој повеќе од 40 години го чекавме е можеби најголемиот проект кој го доведовме до точка од која нема враќање, вели Шилегов кој ги потенцира придобивките од ваквиот најавен проект.

Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси - од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата, во оваа фаза 18 метарски, но целиот систем е проектиран да има можност за 24 метарски возила.

Неговата противкандидатка Арсовска, пак, во својата предизборна програма како главно сообраќајно решение предлага 250 нови еко автобуси.

-Непоходно е Скопје да добие бесплатен јавен превоз и нови екоавтобуси. Тоа е најбрзото и најсигурно решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од БРТ проектот кој значи дополнителни инфраструктурни проекти и со тоа реализацијата ќе трае со години. Не ни треба решение за само дел од Скопје, бидејќи решенијата мора да се однесуваат на сите делови на Скопје, рече денеска Арсовска.

-Ако бил толку добар БРТ проектот зошто се покажа дека сега треба да се интервенира на мостот Обединети нации, зошто дополнително да се сече зеленилото на Партизанска, зошто да се имплементира решение што не е за цело Скопје, прашува Арсовска.

Освен тоа таа најавува дека јавниот превоз ќе биде бесплатен и како аргумент наведува дека ваков концепт функционира во Франција, Естонија и во Луксембург.

Додека Шилегов најавува дека БРТ ќе биде костурот на јавниот транспорт во Скопје во наредните 100 години, Арсовска овој проект го оценува како гломазен и нефункционален систем, додека пак  Шилегов идејата за бесплатен превоз ја декларира како евтина и популистичка.