Брзото возење е главна причина за сообраќајните несреќи со смртни случаи

Брзото возење е причина број еден за предизвикување сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) информира дека статистиката покажува дека минатата година во Република Македонија, 72 лица, односно 46% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се последица на брзо возење.

Во 2017 година, повеќе од половина од настраданите лица во сообраќајните незгоди во Европа, настрадале поради пребрзо возење. Некои поради неприлагодена брзина кон условите на патот, а некои поради преценување на сопствените квалитети и можности, или поради игнорирање на опасностите на патот.

РСБСП ги советува возачите: „Запрете за миг, размислете добро и заклучете: што е тоа што го добивате, а што е тоа што го губите, или може да го изгубите, доколку не ги почитувате правилата за ограничување на брзината?!?“.

Брзината на движење на патиштата во Република Македонија е ограничена во зависност од условите на патот и истата е обележана со соодветен сообраќаен знак. Глобата за непочитување на оваа законска обврска изнесува и до 400 евра, односно соодветен број негативни поени и времено одземање на возачката дозвола.