Брза помош се чека и до 40 минути во Македонија - Министерот за здравство најави радикална промена

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави темелна реформа на системот за Итна медицинска помош, со цел значително да се намали времето на одговор при итни повици и да се модернизира целокупната служба.

Во гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“, Алиу истакна дека решението не е само во набавката на нови возила, туку и во воспоставување централизирано управување со современ софтвер кој ќе овозможи поефикасна организација на терен.

Според податоците на Министерството за здравство, граѓаните во Македонија во одредени случаи чекаат Итна медицинска помош и до 40 минути, додека во Словенија просечното време на одговор изнесува меѓу седум и осум минути.

„Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот“, изјави Алиу.

Како дел од реформите, Владата веќе го усвоила предлогот за формирање посебна институција за Итна медицинска помош, која наместо во рамките на здравствените домови ќе функционира како самостоен субјект со единствен менаџмент и централизирано командување.

Паралелно се развива и нов софтвер кој во реално време ќе го следи движењето на секое возило и ќе ја одредува најбрзата маршрута до пациентот. Дополнително, медицинските тимови ќе бидат опремени со камери преку кои ќе комуницираат во живо со специјалисти и субспецијалисти од болниците, овозможувајќи експертска поддршка уште на местото на интервенцијата.

Според проценките, целосната имплементација на новиот систем ќе биде завршена за пет до шест месеци. Во меѓувреме, се финализира и постапката за набавка на 100 нови возила за Итната медицинска помош, кои, според министерот, би требало да пристигнат во наредните месец и пол до два месеци.