БРТ - повторно ветуван за во Скопје, но дали навистина е идеалното решение за јавниот превоз?

Системот за Брз автобуски превоз или скратено БРТ и ова предизборие во фокусот на кандидатите за градоначалници на Град Скопје. Со оглед дека, скопјани со години мака мачат со јавниот превоз, будно се следи секој предлог за потенцијално решение! 

БРТ повторно „стапи на сцена“ во пресрет на овие локални избори. 

Кандидатката за градоначалничка од СДСМ Каја Шукова, во предизборните ветувања, порача дека проектот за БРТ мора да се врати. За ова, како што рече, одамна се обезбедени 40 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

„Нема веќе чекање и одлагање! Со силна одлучност, заради потребата на секој граѓанин на Скопје, гарантирам дека до средината на 2028 година, скопјани, од Ѓорче Петров, преку Центар до Ново Лисиче во Аеродром ќе се возат со првата линија на БРТ системот за само половина час, брзо и навреме – без доцнења, без гужви, безбедно. БРТ обезбедува линија од 13 км во една насока, со 21 автобуска постројка и 2 терминали, со 29 автобуси, за неверојатен број од 65.000 патници на ден“ - вели Шукова во нејзините предизборни изјави

Доктор Никола Пановски од ЛДП, кој бара втор советнички мандат во Град Скопје, исто така, смета дека најитен проблем во Скопје е јавниот превоз и тоа дека треба да се донесе конечна одлука за проектот ‘Брз автобуски превоз’ (БРТ)

Но, дали БРТ е најсоодветно решение за главниот град?

Претходно, професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, преку поопширна анализа алармираше дека БРТ може да биде проблематичен за Скопје. 

Тој смета дека БРТ, односно брзиот автобуски транзит, е систем што комбинира флексибилност на автобуси со ефикасност на шини, но дека добар е за нови градови, но проблематичен за Скопје, град проектиран и изграден за околу 350, а не 600 илјади жители. Неговата анализа во целост може да ја прочитате на следниов линк

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, пак, вели дека она што ќе го направат од старт е нормализирање на функционалноста на јавниот сообраќаен транспорт.

- Тоа подразбира да нема доцнење, да има редовни автобуси и со поддршка на Владата очекуваме на почеток на наредна година да добиеме 80 автобуси. Но, истовремето тоа нема да биде единствениот мој чекор. Ќе работам на тоа да создадам во ЈСП систем кој што ќе биде функционален, вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека флотата на автобуси ќе се обновува навремено.

- Нема да можеме да купиме нови 200 автобуси, но во тој систем постојано ќе има набавка на годишно ниво, додаде Ѓорѓиевски.  

Проектот за БРТ системот го започна претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов.

Истиот е вреден 70 милиони евра, а е поддржан од Европската банка за обнова и развој од каде беше добиен и кредит, но по доаѓањето на Данела Арсовска на чело на Град Скопје проектот беше стопиран.