Бројот на заболени од грип зголемен за речиси 50 проценти - регистрирани 1.600 нови случаи

Во текот на изминатата недела (од 20 јануари до 26 јануари) во државава се регистрирани 1.600 заболени од грип, што е зголемување за 45,5 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 1.100 заболени, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Оваа недела во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се 57 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 34 се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 25 е детектиран тип А (17 A/H1pdm, пет A/H3 и три несубтипизирани), а девет се со инфлуенца тип Б (три Victoria и шест неодредена линија).

Најголем број случаи (954) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15 до 64 години, додека највисока инциденца од 200,5 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.

Оваа недела пријавени се случаи од 24 извештајни единици, од кои во 17 инциденцата е над неделната граница на сезонската активност. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје (286), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива Подрачната единица Дебар (428,8 на 100.000 жители) со 119 пријавени случаи.