Бројот на туристи во првите два месеца од годинава е зголемен за 13,4%

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на туристи во првите два месеца од годинава е зголемен за 13,4%.

Кај домашните има пораст од 12,7%, додека кај странските од 13,9%. Зголемување има и кај бројот на ноќевања и тоа од 11,1% во првите два месеца, а порастот кај ноќевањата на странските гости е за цели 16,6%.

Овие показатели се сингал дека ќе се исполнат очекувањата на надлежните за значително зголемување на бројот на туристи во однос на лани, кога вкупниот број изнесуваше 856 илјади 843.

Во последната публикација на Државниот завод за статистика е наведено дека Турците се најмасовни кога станува збор за повеќедневен одмор. Австријците и Германците најмногу трошат за сместување, Холанѓаните доаѓаат за летен одмор, Бугарите се први кога станува збор за шопинг.

И странците ги потврдуваат тврдењата на домашните туристички работници. Најголем дел од поплаките се за лошата инфраструктура и за хигиената. Најдобри оценки имаме за гостопримството, аеродромите, храната, природата и културно-историското наследство.