Бројот на бездомници во Скопје, триплиран во последните 6 години

Најразлични се судбините на луѓето кои можат да се сретнат по улиците на метрополата. Според Црвен Крст на улиците во Скопје во моментов се наоѓаат 146 лица. Нивната бројка драматично пораснала во изминатиот период ако се земе в предвид фактот дека пред само 6 години, податоците велат, имало само 40 луѓе регистрирани како бездомници. 

Од Црвен Крст велат дека во последно време добар дел од оваа ранлива категорија го сочинуваат луѓе кои доживеале економски крах. Понатаму, податоците велат дека бездомни лица се најчесто на возраст помеѓу 45 и 55 години, од кои повеќето мажи. Причините за бездомништвото се разни, но најчесто се нарушени семејни односи, невработеност, сиромаштија, финансиски проблеми. Тоа се луѓе кои имаат проблеми со алкохолот или дрогата, нарушено психичко здравје, а во последно време се почест е случајот на оние чии бизнисни пропаднале, односно доживеале банкрот, па тоа е нивната единствена опција. 

Град Скопје се грижи за оваа категорија граѓани. Во центарот во Момин Поток, два пати неделно на бездомните лица им е овозможена комплетна хигиенска и медицинска грижа. Во рамки на центарот постои амбуланта, бања, ангажирани се социјални работници и психолози. 

Во центарот се згрижуваат 40-тина лица, кои се редовни посетители во деновите кога истиот е отворен. Освен неопходната помош која им се нуди, се цели на ресоцијализација на бездомниците. Надминување на проблемите со зависноста, психичките проблеми, ресоцијалзација во општеството или нивно евентуално вработување. Според податоците, 10 лица кои биле штитеници на центарот се досега вработени.