Бремените жени најчесто дискриминирани од работодавачите

Бремени жени кои биле вработени на определено време годинава најмногу поднеле претставки до Комисијата за заштита од дискриминација, бидејќи останувале без работа веднаш откако работодавецот ќе дознаел дека се бремени.

- За жал и покрај тоа што сме свесни дека постои ваков вид на дискриминација, законот не ни дозволува да преземеме одредени чекори и во овие случаи утврдуваме дискриминација само доколку има писмени докази за тоа, изјави денеска Нена Неновска Ѓорѓиевска, член на Комисијата за заштита од дискриминација на презентацијата на Годишниот извештајот за 2017 година.

Оваа година, како што посочи таа, од вкупниот број на поднесени претставки најзастапена е областа работа и работни односи (41 отсто), потоа следат претставки паради дискриминација во областа на пристап до добра и услуги (25 отсто), медиуми и јавно информирање (22 отсто), 14 отсто во областа на образование, наука и спорт и 10 отсто во областа на социјалната сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјалната заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и здравствена заштита.

Минатата година до Комисијата за заштита од дискриминација биле доставени 59 претставки за дискриминација од граѓани, правни лица, граѓански организации и други.

Најмногу од претставките - 19 отсто биле поднесени поради дискриминација врз основ на пол и род.

- Од поднесените претставки 18 отсто пак се по основ на етничка припадност, 17 по основ на политичка припадност, по 16 отсто по основ на здравствена состојба, сексуална ориентација и родов идентитет, како и по личен или општествен статус, а по седум отсто по основ на социјално потекло и образование, рече Неновска Ѓорѓиевска. 

Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Александар Даштевски на презентацијата на извештајот посочи дека се забележува тренд на зголемување на бројот на претставките посебно во текот на минатата година но, како што додаде,  поважно е што се зголемува и бројот на утврдена дискриминација по разни основи.

Во текот на 2017 година Комисијата за заштита од дискриминација донела 84 мислења, од кои во 19 случаи утврдила дискриминација и на дискриминаторите и им дала препорака за отстранување на истата, а во 29 мислења е утврдено дека нема дискриминација.

Комисијата не постапила по 31 претставки поради немање надлежност, една претставка е спогодбено решена, а во четири случаи Комисијата ја запре постапката.

 - Има случаи каде Комисијата има улога на медијатор меѓу странките за да се дојде до спогодба меѓу нив, се со цел таквите дејствија да не се повторуваат, рече Даштевски.

Комисијата за заштита од дискриминација треба во рок од 90 дена од моментот на доставувањето на претставката да даде мислење за наводната дискриминација до лицето  кое поднело претставка и до оној против кого е поднесена. Доколку се утврди дискриминација Комисијата ќе препорача начин на отстранување на повредата на правото.

Оној што направил дискриминација  треба да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката и за тоа да ја извести Комисијата. Доколку не постапат по препораката на Комисијата е надлежна да поведе прекршочна постапка.

Против дискриминаторите, како што рече Неновска Ѓорѓиевска, предвидени се и парчни казни кои се движат од 500 до 1.000 евра.