Бранко Огњановски прогласен за заслужен граѓанин на општина Карпош

На предлог на градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, за заслужен граѓанин за идната година советниците го изгласаа Бранко Огњановски, познат како Миле Паника, кој освен што е долгогодини граѓанин на Карпош е и еден од најафирмираните сатиричари кај нас, соопштија од Општината.

На денешната седница на Советот беше изгласан и буџетот за следната година во износ од околу 911 милиони денари, или приближно 14,8 милиони евра, што во споредба со последниот ребалансиран е покус за 477,6 милиони денари или 7,7 милиони евра.

„Инаку, ваквата рационализација на буџетот дојде по дополнувањето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа кој го изготви Министерството за финансии со кој на единиците на локалната самоуправа им се стави ограничување на зголемување на буџетите најмногу до 10% од просечно остварените приходи во последните три години. И покрај тоа што во следната година стартуваме со ‘штедлив’ основен буџет, според зборовите на градоначалникот Стефан Богоев, вратите за капитални инвестиции во општината не се затворени, туку напротив, општинската администрација ќе работи и веќе работи на подготовка на проекти за улици и патишта, за изградба на фекална и атмосферска канализација, кои очекуваме, во целост да се финансираат од Владата на Република Македонија“, се вели во соопштението.