Една стара мудрост вели дека бракот трае онолку време колку што во него жената ќе издржи, што вели дека бракот е нешто што треба да се поднесува, издржува и трпи. Можеби тоа било точно во времето на нашите баби и дедовци и родители, но денес работите се малку поинакви. Нашите баби често знаат да искоментираат дека денешните бракови не траат долго, мислејќи дека денешните генерации немаат воопшто трпение и не се подготвени на компромиси.

Но, колку денес во Македонија е точно ова тврдење? Дека бракот издржува онолку колку што жената ќе издржи?

Не постои добар момент за развод, но постојат многу причини. Тој настанува тогаш кога двете страни (или пак само едната) сфаќаат дека веќе не сакаат да вложуваат труд и напори за тоа.

Кога станува збор за жените, тие често наведуваат различни причини. Некои од нив се следните:

Недостаток на почит

Жените често ја преземаат контролата за семејниот живот. Во Македонија, често поделбата на работите не е иста како во западните држави и жената е таа која извршува поголем дел од обврските во семејството и домаќинствоо. Но, ако мажот не презема дел од обврските свесно и одговорно, и ако не постои договор и разбирање, тогаш нештата можат да тргнат во лоша насока. Жените се уморуваат од сиот напор што го вложуваат во готвењето, чистењето и грижата за домот и се чувствуваат како да не се почитувани.

Губење на идентитетот

Со преземањето на брачните и семејните обврски, многу жени истакнуваат дека го губат идентитетот. Како да стануваат различна личност. Голем дел од нив забораваат на пријателките и се посветуваат на семејството. Исто така, доколку жената не е целосно подготвена за влез во бракот или несигурна во својата љубов, кај неа може да се развие и анксиозност, па дури и депресија.

Не постојат чувства

Заљубеноста постоела, љубовта била тука, но се чини како веќе да не постои ништо. Особено во периодот кога ќе дојдат децата и вниманието е насочено кон нив. Партнерите како да се губат во таквата улога и забораваат да ја негуваат љубовта и хемијата меѓу нив. Ова често знае да биде една вообичаена фаза, но ако не се вложат напори, многу лесно може да дојде до дефинитивен крај и распад на бракот. Исчезнува љубовта, но исчезнува и блискоста и разбирањето меѓу двете страни.

Одалеченост

Ова е поврзано со чувствата. Но, тука станува збор и за живеење на паралелни животи во два паралелни светови. Не постои емоционална размена, не постои споделување на информации, не постои грижа за другата страна. Само едноставно функционирање во заедница, која  често постои како таква (само) поради децата.

Неверство

Ова е една од најлошите причини за крај на бракот, која остава огромни последици. Голем дел од жените го простуваат ова, но постојат и оние кои не сакаат ни да размислуваат за тоа и ставаат дефинитивен крај на бракот и покрај се.