Боси, разголени, со ќеса полна со лепак се шетаат малолетни деца низ градот

Боси, разголени, зашеметени со ќеса полна со лепак се шетаат малолетни деца низ градот.

-Имам три деца, едниот од нив е зависник од дрога. Проблематичен е и никако не може да му помогна. Живеевме во Мичурин во една напуштена куќа сега сме во Кисела Вода. За да преживееме питачиме, а најмлиот парите ги дава за лепак и дрога, раскажува Семиха мајка на дете зависник од дрога.

Таа вели дека синот почнал да се дрогира и дува лепак од 8 години, сега има 11. Загрижена е, пред извесно време и кажале дака синот може да умре доколку продолжи да дува лепак и да користи дроги. 

-Секој ден на пазаров доаѓа едно ромче. Прво питачи и со собраните пари оди и си купува лепак за дување, вели еден скопјанец кој работи на Зелениот пазар во Скопје.

Ромите имаат најкраток животен век од сите европски народи. Поради нивната огромна сиромаштија и културолошка инфериорност, честопати постојат предрасуди врзани за нив. Иако овие предрасуди се генерализации, сепак статистички, многу од истите се базираат на реалната ситуација иако постои одреден процент на Роми кои се соодветно едуцирани и во добра економска состојба, тренд којшто расте со годините. 

-Живеам во Центар секојдневно поминувам низ ГТЦ и Жена-парк. По 4 – 5 деца седнати на картони, кој бос кој полугол си делат во ќесички лепак. Сум пробал со нив да разговарам за да им помогна, но жаласот не приваќаат, вели еден скопјанец.

Зависноста мора да се лекува и за нив не е доволно само да им се направи здравствен преглед и да се приберат во некој дневен центар или да се одземат од родителите. Проблемот е многу посуштински и може да се реши само со институционална помош, бидејќи е речиси сигурно дека овие деца излегуваат од проблематични или дисфункционални семејства.

Од Министерството за труд и социјални работи и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје, велат дека редовно преземаат акции за сузбивање на оваа појава, како и на питачењето, за што реализираат акции во соработка со МВР. Веројатно еднаквиот третман на децата-зависници и децатапитачи не е решение за актуелната појава.

Според ХОПС, бројот на малолетните деца што се зависни од дрога постојано се зголемува. Оттаму велат дека немаат точна евиденција колку деца се зависници, но дека во изминативе 10 години се сретнале со 85 малолетни деца што користат дрога и кои имаат здравствени проблеми, а дека во 2016 година се сретнале со седум нови малолетни зависници.

Вдишувањето лепило може и да убие

Вдишувањето лепак ја менува состојбата на свест. По околу половина час од вдишувањето, корисникот е зашеметен, очите му солзат, видот му е ослабен, му свират ушите, губи рамнотежа. Консументите често паѓаат во бессознание. Бројни се случаите и на смрт, како последица од губењето кислород при вдишување поради силно врзани ќеси околу вратот. Континуираното вдишување лепак или разредувач доведува до трајно оштетување на мозокот, губење на помнењето, а нивното влијание врз срцето и белите дробови може да биде смртоносно. Вдишувањето лепак ги осакатува децата-зависници.