Борисов: Сакаме да помогнеме за евроинтеграција на регионот

Со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен  Балкан во ЕУ е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон Унијата, порача премиерот Зоран Заев во поздравното обраќање на лидерскиот Самит за западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, објави мкд.мк.

„Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, рече Заев.
Според него, со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, ЕУ ја потврди својата поддршка на Западен Балкан.
Во обраќањето тој додаде дека основите за економската, социјалната и зелената трансформација на нашиот регион за наредите години се цврсто утврдени, и дека регионот исто така ја покажа својата зрелост и отпорност за време на оваа пандемија.
„Пандемијата уште повеќе го обедини Западниот Балкан во борбата против овој невидлив непријател, донесувајќи толеранција и соработка и создавајќи заедничка свесност дека хуманоста има предност пред политиката“, рече тој.
Како што соопшти владината прес-служба, тој додал дека за време на заедничкото копретседавање со Берлинскиот процес оваа година дополнителен поттик добија и неколку други процеси како што е регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и јакнењето на соработката на полето на здравството како регионален одговор на пандемијата, како и соработка со граѓанското општество, особено на прашањата поврзани со младите.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, пак, рече дека е важно во рамките на Берлинскиот процес да се посвети посебно внимание на развојот на инфраструктурната поврзаност во регионот, бидејќи тоа е крвотокот на Балканот, важен и за бизнисот и за граѓаните.

„Да не забораваме дека Западниот Балкан е пазар за околу 20 милиони луѓе. Тоа ќе овозможи перспектива за младите луѓе кои денес со брзо темпо емигрираат и ќе биде одговор на демографската криза, регионалната соработка и добрососедските односи“, рекол Борисов.

Тој, според бугарските медиуми, кажал дека Бугарија е водена од желбата да им помогне на државите од регионот на патот кон европска интеграција, како и за зацврстување на добрососедските односи, регионалната безбедност и соработка.

Покрај премиерите Заев и Борисов на отворањето на работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија се обратија и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.