Борче од „Донирај комјутер“: Во понеделник ни е потребна ваша помош за превоз!

Борче Стаменов и екипата на Донирај Компјутер кои самоиницијативно се активираат за прибирање половни компјутери, нивно репарирање и донирање на граѓани од ранлива категорија упатија повик секој кој е во можност да се вклучи во претстојната акција. 

-Големата донација пристигнува во понеделник. Ќе биде најголема до сега. Затоа ни е потребна помош, голема помош. Кога ќе размислам, вистинското прашање би било: дали сакате да сте волонтер во Донирај Компјутер? Количината веќе ја пишав. Околу 300 компјутера, 170 монитори, околу 30 штампачи и друга ИТ опрема. Со товарање би се започнало некаде околу 10 часот. Магацинот се наоѓа наспроти Сити мол во Скопје. За 50% од опремата превоз имаме обезбедено. За другата половина уште бараме. Ако сте превозник со поголемо возило кој тоа време ќе се враќа од Скопје и имате можност и простор нешто да товарите, контактирајте не. Работата мора да се заврши во еден ден поради пренамена на просторот во кој се наоѓа опремата. За Скопје ќе ни требаат и луѓе кои би помогнале со товарање. За Кавадарци ќе ни требаат луѓе за растоварање, вели Стаменов во својот повик на фејсбук. 

-Ова е шанса директно да се вклучите и да бидете одговорни за нечија среќа, нечие поквалитетно образование. Ќе завршам со една реченица: бидете промената која сакате да ја видите во светот и општеството во кое живееме, додава хуманиот кавадарчанец кој со години обезбедува компјутери за деца од социјален ризик.