Болните со мултипла склероза се против Клиниката за неврологија да стане ковид-центар

Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза е против одлуката да се пренамени Клиниката за неврологија во ковид-центар во кој ќе се примаат и сместуваат новозаболените пациенти со ковид-19.

Здружението за мултипла склероза испратило допис до Министерството за здравство и до Комисијата за заразни болести.

Најостро реагираме на ваквото решение од следните причини: пациентите со мултипла склероза (МС), како невролошо заболување, спаѓаат во пациенти со висок ризик, пациентите со високоактивна МС својата имуносупресивна терапија ја примаат токму во просториите каде би биле сместени пациентите со ковид-19. До неодамна пациентите со МС беа опфатени со мерките донесени од страна на Владата и ослободени од работни обврски како високоризични лица, за со вакво решение да се доведат во директна опасност и да се хоспитализираат во истите простории со лицата заболени од ковид-19, се наведува во дописот од Здружението.

Оттаму бараат да се преиспита ваквата одлука и да се донесе поприфатливо решение со цел оваа група високоризични пациенти да не биде доведувана во опасност, со оглед на тоа дека се работи за лица со хронично заболување од кои повеќето се приматели на имуносупресивна терапија.