Болката некои луѓе ги претвора во ангели, а некои луѓе ги претвора во ѕверови...

Некои луѓе болката ги претвора во ангели, а некои во ѕверови. Некој сосема се преобразува низ разбирање и развој, а некој го обложува своето срце со мраз и дозволува горчината да завладее со него. Па изгледа дека е злобен, а всушност е само длабоко несреќен. 

Истата, ама потполно истата животна ситуација може сосема спротивно да влијае на различни луѓе. И обично и така бидува. А се прашувате од што зависи тоа? Од нас самите.

Затоа што животните предизвици постоеле и ќе постојат и некој ќе ги гледа како можност, а некој ќе ги проколнува. 

Кому ќе биде полесно во целиот тој процес?

Гледам околу себе и сведочам како годините кои минуваат нѐ обликуваат. Исто како и виното, стануваме или прекрасен пијалок или оцет. Или некој чуден микс. 

Некои луѓе минуваат низ животни препреки и растат и напредуваат, нивната енергија е заразна, а нивниот став е чудесно неверојатен. А некои се фрустрираат и од најмала ситница, па сите навреди, болка и горчина ги ставаат на еден куп и тоа ги јаде одвнатре. Има луѓе кои во поодминати години ги гледаш и веднаш чувствуваш дека биле задоволни со животот и секогаш пронаоѓале среќа. А има и луѓе од кои зрачи бес и целиот свет им е виновен за нивното незадоволство и сите треба да се променат за нив. Но, тоа не оди така.

Не можеме да влијаеме на никого, освен на самите себеси. И нашиот поглед на некого или нешто зависи од нашата одлука. А слободата да го промениме она од кое не сме задоволни е секогаш во нашите раце. Затоа што прво ги менуваме нашите мисли и чувства во врска со тоа, нашиот поглед на ситуацијата, а потоа се отвораат и нови врати и ни се нудат и нови избори. 

Затоа, не чекајте премногу. Годините и онака ќе си пројдат. Времето ќе си го направи своето. 

А јас ви посакувам во староста да наздравите со чаша одлично вино, исполнети, насмеани и среќни. И секако, задоволни од себеси. И сѐ што ви носи горчина да го оставите далеку зад себе.