Болеше. Траеше. Ќе пројде!

Вие кои почувствувавте заедништво, а потоа бевте оставени. Вие кои го дававте најискрениот дел од себе, а потоа бевте изневерени. Вие кои игравте фер, а потоа бевте изиграни; вие кои ги чувавте другите, а потоа бевте повредени; вие кои градевте дом, а останавте осамени. Вие... Изгребани, ранети, скршени, безволни, уморни, измамени...

Се знаеме едни со други...

Баш онака како што се знаат соучесниците во злосторство. Се препознаваме, како што се препознаваат оние кои се на тајна задача, со некои нивни посебни сигнали. Умееме да се намирисаме, како што кучето успева да намириса неволја. Ние сме од истото племе, од истиот материјал. Дојдовме од истиот мрак, пукнавме на слични места, со слични облоги минувавме низ раните. Зад слични маски ги криеме нашите таги, а со истите брчки ги глумиме насмевките.

Ја знаеме кореографијата на ранетите, па си се издаваме едни на други преку една обична тага во очите, преку омилената книга или песната која ќе ја нарачаме во кафана. Ние сме живи битија на кои тагата не им е непозната. Ние сме тие кои во мрачните агли на универзумот, блиску до слабоста, а далеку од храброста, ги стоплуваме нашите рани од оној преостанат оган во нашите души. Тука никој не доаѓа, никој ништо не прашува, никој не се интересира за ништо. Тука сме сигурни, стуткани во сопствената осаменост. Кога надвор е мрак, а сакаш да знаеш дали има нешто подалеку од тоа, кога сакаш да го видиш видикот низ прозорецот – тука природата прави една магична работа. Ти кажува во кого да погледнеш и да најдеш одговори, затоа што тогаш мракот го претвора стаклото во огледало.

Се знаеме.

Болеше. Траеше. Ќе пројде!

Одиме понатаму. Не знаеме каде, ниту пак некогаш ќе дознаеме со сигурност, но научивме дека сите патишта водат кон погрешни места доколку одиме по нив само за да ги задоволиме другите. Повторно ќе љубиме. Не знаеме кого, ниту пак ќе дознаеме наскоро, но научивме дека не постојат погрешни љубови, туку само погрешни избори кои ги нарекувавме љубов. Се надеваме. Не знаеме точно за што, ниту е лесно тоа да се дознае, но веруваме дека има подобро, затоа што не постои подлабоко дно од она кое го допревме. Затоа знаеме како е да се оди низ мракот и да се ориентираме само со помош на она малку што останало во нас. Тогаш ги засакуваш неволјите, затоа што те учат како да преживуваш и така секој ден е благослов.

Оние скршените кои не дозволуваат никој друг да се исече од нивните остри делови, борците кои живеат со внатрешната војна која се случува во нивната душа, но кои очајнички преговараат за мир со другите, тажните кои плачат додека се сами, но прават сѐ за да ги насмеат другите – овие луѓе постојано сакам да ги слушам. А оние кои го познаваат мракот, длабочините и самотијата, тие најдобро знаат да ги ценат светлоста, пространствата и другарството. Нив ги прегрнувам уште посилно, ги чувам најдобро што можам и најпосветено ги слушам.

На крајот на краиштата, не е важно колку била силна болката, туку што сме направиле од себе кога таа престанала. Дали нѐ научила да се насочиме кон освестена љубов или кон одмаздољубивост.