За жените кои преживеале семејно насилство, враќањето на самодовербата и чувството дека повторно имаат контрола врз сопствениот живот може да биде долг процес.

Во Лондон, една иницијатива користи необичен пристап за да им помогне во тоа – бесплатни часови по бокс, преку кои жените учат повторно да ја препознаат сопствената сила.
Програмата „Fight Forward“, основана од поранешната британска боксерка и европска златна медалистка Лесли Сакеј, нуди бесплатни тренинзи за жени кои преживеале семејно насилство. Нејзината цел не е да ги подготви учесничките за натпревари, туку да им помогне да ја вратат самодовербата, да го ослободат насобраниот стрес и повторно да почувствуваат дека имаат контрола врз сопственото тело и одлуки.
Една од учесничките е 40-годишната Сарија, која по излегувањето од една насилна врска се нашла во друга. Кога се приклучила на првиот боксерски камп, се соочувала со сериозни тешкотии. Денес вели дека токму тренинзите ѝ помогнале да собере сила да се избори за себе и да ја напушти насилната врска. „Ми дадоа чувство на сопствена вредност какво што никогаш претходно не сум имала“, раскажува таа.
Иницијативата има и поширока цел. Речиси 40 жени досега ја завршиле структурираната боксерска програма, а организаторите ги следат промените во нивното ментално здравје и самодоверба. Тренерите забележуваат дека со текот на времето жените кои на почетокот доаѓале повлечени и несигурни почнуваат да се движат послободно, да ја држат главата исправено и самите да иницираат разговори.
Особено важен дел од програмата е тоа што боксот овде не се поврзува со насилството што жените го преживеале, туку со можноста повторно да воспостават контрола. Учесничките не мора да спарингуваат или да се натпреваруваат, туку тренираат со сопствено темпо. Како што објаснува една од нив, разликата е во тоа што во насилната врска изборот им бил одземен, додека во боксерската сала самите одлучуваат што ќе прават и до каде ќе одат.
Паралелно со бесплатните тренинзи, иницијативата „Fight Back Promotions“ организира боксерски вечери на кои настапуваат жени. Дел од профитот од настаните се насочува кон финансирање на програмите на „Fight Forward“, со надеж дека ќе се обезбедат бесплатни места за уште 40 до 60 жени. Првата ваква вечер е најавена за 28 ноември во Лондон.
Според проценките на Светската здравствена организација, речиси една од три жени во светот доживеала физичко или сексуално насилство од интимен партнер или сексуално насилство од друго лице во текот на животот.
За Сарија, влегувањето во боксерскиот ринг денес има сосема поинакво значење од борбата со противник.
„Не станува збор за тоа да влезам во рингот и да се борам со некој друг. Станува збор за тоа да се борам за себе, затоа што вредам да се борам за себе“, вели таа.
Извор: Positive News