Боксерска елита во Скопје

Меѓународниот турнир во бокс, „Златен Гонг“ оваа година ќе се одржи по 46-ти пат. Домаќин на турнирот, традиционално ќе биде главниот град, Скопје.

На денешната прес-конференција одржана во Агенцијата за млади и спорт, покрај најавата за турнирот, јавноста беше известена и за конкретните планови за формирање на регионална бокс-лига. Во изминатите години турнирот го промовираше нашиот спорт, град и држава, па редно време е ние некако да возвратиме, вложувајќи напори боксот да го издигнеме на ниво на национален спорт. Благодарение на боксерската легенда Живко Дуковски, Македонија може да се пофали дека е организатор на еден од најстарите турнири во бокс во Европа. 

На турнирот, се очекува да земат учество повеќе од 50 боксери од 12 еврпски земји. Македонија ќе ја претставуваат шестмина, кои ќе се обидат да го освојат турнирот во три категории и тоа: најдобар боксер, најдобар техничар и најдобар македонски боксер. Меѓу другите награди се и онаа за најдобар странски боксер, најдобар тренер, судија и сл. Борбите се закажани за петок и сабота во Арената „Борис Трајковски“.

Агенцијата за млади и спорт се јавува како главен организатор и покровител, за чија цел тие издвоија 900 000 денари. Во рамки на турнирот ќе се одржи и состанок на 14 познати боксерски имиња кои ќе разговараат на тема формирање на Балканска лига во бокс.