Боки 13 пренесен на Клиника, еве ги деталите

Бојан Јовановски првоосомничен во случајот „Рекет“ денеска е пренесен на скопските клиники поради испитувања за закажана операција од претходно, потврди Есад Рахиќ, директорот на затворот во Шутка за Фокус. Според извори од Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“ направени се неколку прегледи.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 15 јули го отвори случајот за рекетирање во кој првоосомничен е шоуменот Бојан Јовановски-Боки 13 и второосомничен бизнисменот Зоран Милески-Кичеец.

Според обвинението Јовановски го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата.

Милески пак овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, обвинителката Вилма Рускоска рече дека биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него.