Бојкотот во „Лазо Ангеловски“ е прекинат, проблематичното дете ќе следи онлајн настава

Бојкотот на наставата во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје е прекинат и од вторник учениците се враќаат во редовна настава соопшти вчера телевизија Сител. Според нивните информации ваквата одлука е донесена од страна на Советот на родители откако Центарот за социјални работи бил присутен во учелиштето со цел решавање на проблемот со третоодделенецот кој имал насилно поведение.

Според последните информации, се донел заклучок дека детето до крајот на првото полугодие ќе продолжи со онлајн настава, за да се изврши соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението. Родителите на учениците изјавија дека нивните барања да детето не биде физички присутно во училиштето се прифатени, а со тоа се постигнал и целта на бојкотот.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ја замоли јавноста да им даде неколку дена на институциите да го решат случајот, истакнувајќи дека вршењето притисок во јавноста предизвикува стигматизација на ученикот.

Претходно, имаше контроверзи кога детето требаше да биде префрлено во основното училиште „11 Октомври“ во Центар, но родителите на учениците од тоа училиште ја бојкотираа наставата. По повлекувањето на таа одлука, детето беше враќено во „Лазо Ангеловски“, но ситуацијата продолжи да предизвикува проблеми.