Бојкот во ОУ „Васил Главинов“: Првачиња десет дена не одат во училиште

Деца од прво одделение од ОУ „Васил Главинов“ во општина Чаир повеќе од десет дена ја бојкотираат наставата, во знак на револт затоа што раководството на училиштето на крај на учебна година сака да им наметне нова наставничка. Родителите пред четири дена поднеле жалба до градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Помош очекуваат и од министерката за образование, Рената Дескоска, пренесува Независен.

Од 18-ти овој месец, во училиште не одат учениците од прво 1 одделение. Во класот има 24 ученици, 15 од нив се редовни. Родителите велат дека се обиделе проблемот да го решат со директорот, но, според нив, тој бегал од средби.

„После два неуспешни состаноци со директорот на училиштето, Ќамуран Кучи, немаме друг избор освен да побараме помош од Вас. Ние не сакаме да се мешаме во внатрешната политика на училиштето, но бидејќи веќе еднаш, во истото одделение беше направена смена на класните раководители, сметаме дека не е потребно истата да се прави по третпат. За неполна цела учебна година трипати се менува класниот раководител а тоа влијае многу негативно врз децата, врз нивната психичка состојба и врз нивната мотивираност“, стои во жалбата упатена до градоначалникот на Чаир.

Родители на учениците велат дека освен што не се согласуваат со честите смени кај толку мали деца, ниту тие, ниту децата ја сакаат новата наставничка што би требало да дојде на местото на досегашната.

- На еден месец пред крај на учебната година, некој се обидува на грбот на децата да згрижи личност која ние добро ја знаеме. Станува збор за доскорешната директорка на градинката „Снежана“, каде претходно одеа добар дел од децата во нашето одделение.Таа претходно била наставничка во ОУ „Васил Главинов“ и сега сакаат пак да ја вратат на старото работно место. Можеби законски има право, но нејзиното отсуство на педагошки капацитет, како и несоодветниот однос кон децата и родителите ни се добро познати од претходното сопствено искуство.  Ако на директорот таков кадар му е толку потребен, нека ја прими назад, но не во нашето одделение - велат револтирани родители.

Директорка на „Снежана“ беше Наташа Ангелова, поставена на функцијата во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Таа дошла на местото на нејзината сестра, Марија Ангелова, веднаш откако втората од директорската позиција на истата градинка беше избрана за пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во претходниот собраниски состав. Директорот на „Васил Главинов“, Ќамуран Кучи, е кадар на ДУИ.

ОУ „Васил Главинов“ е етнички мешано училите и во него учат Македонци, Албанци, Роми и Бошњаци.