Бојкот на наставата: Првачињата во ОУ „Васил Главинов“ за една година смениле три учителки

Учениците од прво одделение од ОУ „Васил Главинов“ во општина Чаир веќе две недели ја бојкотираат наставата, во знак на револт затоа што раководството на училиштето пред крајот на учебна година им наметне нова наставничка. За овој  проблем родителите поднеле жалба до градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Од општина Чаир за „Независен Весник“ велат дека се запознаени со проблемот во училиштето и дека ја прифатиле жалбата поднесена од родителите.

„Според законот за основно образование директорот на училиштето има право за именување на наставниците. Во овој случај наставничката која, откако беше сменета од позицијата директор на градинката "Снежана", се врати на своето претходно работно место. Одделот за образование во рамките на општината ќе ја разгледа објективноста на барањето и ќе заземе  став следните денови за да го спречи бојкотот на наставниот процес“, соопштија од Општина Чаир.

Еден од родителите, Јасмина Номановиќ, истакна дека во ниту еден случај нема да толерира нивните деца да бидаат жртви. Според неа ова е трет пат во годината што ги менуваат наставниците, но најлошото според неа е дека овојпат тоа се случува при крај на учебната година.

“Ова е претерано, директорот не не примаше, бегаше од нас двапати. Ние се бориме за нашите деца. Целта ни е да ја вратиме наставничката што работеше со нив, а новата да премине во другиот клас, ништо повеќе, бидејќи  децата добија трaуми, плачат и се нервозни. Ова е трет пат како им ја менуваат наставничките. Претерано е. Има слободен клас, нека оди таа таму и крај“, вели Номановиќ.

Јасмина истакна дека за овој проблем бараат помош и од Министерството за оброзование и наука. Од таму за „ Независен весник“ велат дека вработувањата и процесите за селекција при вработување ги врши директорот на училиштето, но  примарен интерес е грижата за учениците.

„Министерството за образование и наука дава препорака при вработувањата секогаш примарен интерес да биде грижата за учениците“, истакнуваат од МОН.

Од раководството на училиштето молк.Родителите велат дека ако не се земат во предвид нивните барања ќе штрајкуваат се додека не се реши овој проблем.

Наташа Ангелова, новата наставничка, како директорка на градинката „Снежана“ беше поставена во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Таму ја заменила нејзината сестра, Марија Ангелова, веднаш откако втората од директорската позиција на истата градинка беше избрана за пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во претходниот собраниски состав. Директорот на „Васил Главинов“, Ќамуран Кучи, е кадар на ДУИ.

ОУ „Васил Главинов“ е етнички мешано училите и во него учат Македонци, Албанци, Роми и Бошњаци.