Бојана од Чаир, сама и со тешки маки – има епилепсија и еден куп долгови, моли за помош и за работа

Паштета и леб, ова е секојдневниот оброк на Бојана Колева од Чаир, која боледува од епилепсија. Во студена соба, три години без парно и струја, на улицата „Џон Кенеди,“ Бојана живее сама. Нејзиниот татко одамна е починат, а во вечното почивалиште пред десетина дена заминала и нејзината мајка.

За да заработи некој денар, таа ја чисти куќата на еден дедо за 500 денари. Но, тоа не е доволно да ги исплати долговите за струја, парно, вода и лекарствата кои ги користи.

Сторијата за неа ја пренесува ТВ 21.

-Јас не поминувам многу време кај мене дома затоа е студено во станот. Претежно сум кај соседите, кај другарките. Дома доаѓам само на спиење. Среќа што дедо Душан ми дозволува да работам кај него. Проблемот е кога работам, немам толку сила, не сум издржлива и добивам отказ, изјави Бојана Колева.

Нејзината другарка, која живее во соседниот стан, Емсал Адеми често пати и носи нешто за јадење. Но и Бојана секојдневно оди кај неа за да се стопли.

-Таа се бања кај нас. И даваме да јаде. Во лоша состојба е поради болеста, вели другарката на Бојана.

Бојана апелира до компаниите да и понудат работа, соодветна на нејзината здравствена состојба.

-Би сакала да најдам некоја работа каде што би можела да работам, која не е физички напорна и да имам стаж, да имам плата, да можам да се спасам од долговите што ги имам, се надева Бојана.

Вкупно, како што вели таа, долгот за сите сметки е 200.000 денари. А, пак поради кредит, кој го подигнала нејзината мајка станот е под хипотека. Извршителите се посебен проблем за Бојана, кои секојдневно тропаат на нејзината врата и ја предупредуваат дека поради долговите може да остане и без станот.