„Боите на вкусот“ – изложба на Дарко Аницин

 Во Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје вечер ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин.

– Целта на овој автономен и иновативен проект насловен „Боите на вкусот“ е преку мобилизирање на граѓаните од различни културни средини да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата. Нешта кои се помалку или повеќе интересни во зависност од интересот на поединецот. Но нишката што ги поврзува сите, се провлекува во истражување и проверување на евентуалната приказна, што знае да ги обои денот и расположението е оној сегмент кој секој со задоволство го зема здраво за готово – храната, вели Аницин.
 

Очекувани резултати, тој вели дека се побудување размисли кај општеството за изразување, негување и афирмирање на традицијата и културата на заедниците во државата преку поттикнување иновативност и креативност, практикување на уметноста во која било возраст.

Дарко Аницин (1977, Скопје) е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, потоа на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје. Својата креативност веќе 25 години најчесто ја изразува преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност.