Богов се повлекува од кандидатурата за гувернер на НБРМ, Бежоска нов предлог на Иванов

Димитар Богов се повлекува од кандидатурата за гувернер на Народната банка на Македонија и за тоа веќе го известил претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој го предложи за нов гувернерски мандат.

Експресно по неговото повлекување Анита Ангеловска-Бежоска, актуелен вицегувернер во НБРМ е новиот предлог на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за гувернер на Народнат банка на Република Македонија, кој е доставен вчера и до Собранието на Република Македонија. Претседателот Иванов смета дека Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка на Република Македонија е добро решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија. Бежоска е осум години на функцијата вицегувернер во Народната банка на Република Македонија, задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика.

Во пишаната изјава за МИА Богов посочува дека со внимание ја следел дебатата во јавноста поврзана со предлогот по вторпат да биде именуван за гувернер на Народната банка на Република Македонија и оти одлуката ја донел имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите во политиката и роковите за избор на гувернер.

– Во оваа пригода би сакал да му се заблагодарам на претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, за довербата што ми ја даде со моето повторно предложување за прв човек на Народната банка, што за мене лично претставува валоризација на сработеното во изминатите седум години. Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Република Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, за што веќе го известив претседателот на Република Македонија – наведува Богов.

Тој верува дека во периодот што претстои ќе се изнајде решение и во најскоро време ќе биде предложен нов кандидат за гувернер на Народната банка, од редот на професионалците, кој ќе добие консензуална политичка поддршка.

– Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер. Очекувам решение во најкус можен рок, што ќе биде во интерес на Република Македонија – потенцира Богов.

Мандатот на Богов како гувернер на НБРМ завршува на 20 мај, а на 21 мај на новата седница на Собранието, според собраниски извори, ќе биде ставена точка на дневен ред за избор на нов гувернер.

Постапката за избор на гувернер на РМ започна уште во март годинава, кога претседателот Ѓорге Иванов го информирал премиерот Зоран Заев за кандидатурата на Богов за уште еден мандат за гувернер на НБРМ.Тој притоа му укажал на премиерот дека кандидатурата била поддржана од Сојузот на Стопански комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други институции и поединци од оваа област со кои што разговарал на оваа тема.

Иванов уште на 27 април го доставил предлогот до Собранието, но според процедурата доколку за него не гласаат 61 пратеник, гувернер не може да се избере. Владејачката ДУИ веќе повеќе пати досега се изјасни дека за нив најдобро решение е Фатмир Бесими, кој што е советник на премиерот и поранешен министер и вицепремиер во Владата на Никола Груевски.

Димитар Богов е гувернер на Народната банка на Република Македонија од 2011 година. Тој има 23-годишно работно искуство од кое девет години на раководни позиции во јавниот сектор, една година во областа на деловните консултантски услуги и четири години на висока раководна функција во најголемата македонска банка. 
Од февруари 2007 година до мај 2011 година, тој ја извршувал функцијата на вицегувернер.