Богоевски, Шеќеринска, Царовска - дел од политичарите на „Парада на Гордоста"

Од паркот „Жена борец“ во Скопје почна Парадата на гордоста за поддршка на припадниците на ЛГБТИ заедницата и за еднакви права на сите луѓе.

На Парадата се присутни голем број поддржувачи од земјава и странство и јавни личности. Парадата се одржува под засилено полициско обезбедување, а интерес за настанот има не само од домашните, туку и од странски медиуми.

– Не смееме да потценуваме колку е значаен овој чекор што денеска се прави. Далеку сме од целосно почитување на ЛГБТИ луѓето, ама ова е многу значаен чекор во вистринска насока. Денес, Република Северна Македонија е дел од семејството држави кои имаат одржано Парада на гордоста на својата територија, изјави за МИА, поранешниот пратеник Павле Богоевски.

Маршот на поддржувачите на ЛГБТИ заедницата треба да заврши во Градскиот парк.

Меѓу присутните освен Павле Богоевски кој неодамна даде оставка од пратеничката функција, по скандалот со снимката од него, за која тврдеше дека нарачува канабис, се и в.д. амбасадорот на САД во Македонија, Микаела Швајцер-Блум, амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пренесе 360 степени.

Паралелно, со Парадата на гордоста, во Скопје се одржува и граѓанско-верски собир „Сведоштво за семејството“ кој е насочен кон заштита на брачните, семејните и верските вредности.