Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев и актуелниот член на извршниот избор на партијата, Андреј Петров, денеска, независно еден од друг, упатија жестоки критики на новите пратеници на социјалдемократите за нивниот молк на денешната конститутивна собраниска седница. Првиот преку социјалните мрежи, вториот во гостување на дневникот на Сител телевизија.
Стефан Богоев на својот фејсбук-профил напиша дека пратениците треба да дискутираат, а не да молчат и да се сликаат.
„Пратениците треба да знаат дека се избрани од народот за во Собрание да аргументираат и дискутираат, а не да се сликаат и да молчат. Особено на седници на кои се формира владејачко мнозинство и се избира претседател на Собранието. СДСМ треба да има конструктивна, но пред сѐ корективна и проактивна улога во Собранието, Тоа мора да биде така од самиот почеток. Во спротивно, други партии ќе го преземат опозицискиот простор“, напиша Богоев на својот Фејсбук-профил.
Андреј Петров во денешното гостување на Сител телевизија рече дека го изел срам што денес никој од пратениците на СДСМ не зел збор на седницата на Собранието.
За жал, малку и срам ме изеде заради однесувањето на СДСМ на таа седница бидејќи никој не стана да каже ништо, а веројатно требаше да им каже на новите коалициони партнери во власта дека сега може да биде Претседател на Собрание, што не го спорам, човек што има два пратеници во Собранието и што не е од македонска етничка група, што исто така не е спорно, но до пред извесен момент беше спорно за тогашната опозиција. Никој од тамошните пратеници од СДСМ не смогна сила да каже и тоа да ви кажам кај мене предизвика чувство на срам, рече Петров.
Според него, едно е да бидете конструктивни, и треба да биде опозицијата конструктивна, затоа што државата е пред партиите и треба заеднички да ја градиме.