Богдановски од ДОМ поднесе оставка, СДСМ со пратеник плус во Собранието

Пратеникот од ДОМ, Мирослав Богдановски, поднесе оставка. Според листата во Собранието, пратеник сега станува Даниела Николова од СДСМ. Со тоа, владејачката партија ќе има еден пратеник повеќе во Парламентот.

Иако оставката на Богдановски е констатирана и во Собранието и од страна на ДИК, тој не ја образложи пред пратениците на денешната седница.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери откако за ова ги информира пратениците, само констатира дека престанува мандатот на Богдановски.

Пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, во денешното гостување на „Утрински брифинг“ рече дека била известена за оставката на нејзиниот колега од собраниските служби, но оти ја немала видено, ниту од Богдановски добила директна информација.

-Денеска сум известена дека пратеникот Мирослав Богдановски си поднел оставка од Парламентот, и јас не сум ја видела, но имаме собраниска седница и веројатно ќе биде ставена да се констатира на пленарна собраниска седница, тоа е процедурата, истакна Морачанин.

Според неа, во ДОМ сѐ уште има внатрепартиски разлики, но не е ништо страшно ако постојат различни мислења.

Пратеникот Мирослав Богдановски минатиот месец беше разрешен од потпретседателската функција на ДОМ по што продолжи да делува во рамки на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.