Богдановиќ во посета на Здружението на пензионери во Општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска го посети општинското Здружение на пензионери и оствари средба со неговиот претседател Павле Спасев.

На средбата, како што соопшти Општина Центар, Спасев ја истакна традиционално добрата соработка со општинските власти, му се заблагодари на Богдановиќ за она што општината и тој лично досега го имаат направено за пензионерите и ја изрази својата поддршка за идните заеднички проекти и активности.

– Спасев и Богдановиќ разговараа за постојните општински политики наменети за пензионерите, пензионерските клубови, кои општината ги отвори за социјализација и за слободни активности, како и за сервисот „Нега плус”, кој функционира во рамки на општината. „Нега плус” е сервис кој на пензионерите им овозможува два различни пакети на секојдневна помош и грижа од стручно лице, се вели во соопштението.

Богдановиќ, како што се наведува во соопштението, вети дека грижата за пензионерските клубови во Центар ќе продолжи и во иднина и најави дека од идната година ќе има нови пензионерски клубови. Богдановиќ и Спасев се заложија за интензивирање на соработката во понатамошниот период, со цел овозможување на поубави и безгрижни пензионерски денови.

Со над 10.000 членови, Здружението на пензионери на Општина Центар е едно од здруженијата со најмногу активни членови во државата.