Богдановиќ: Ќе реновираме домови на лица кои тоа не можат сами да го направат!

Градоначалникот на Општина Центар во интервју за весникот „Вечер“ вели дека цел им е барем еднаш дневно на семејствата што немаат што да јадат да им подготвуваат оброк. – Имаме идеја во дел од нашите простории да подготвуваме ланч пакети за 150 семејства, за секој член одделно. За ова разговараме со ресторани кои имаат вишок на храна. Ова е нешто поспецифично и затоа би требало да се вклучат неколку институции и сакаме тоа да биде контролиран процес- вели Богдановиќ и додава дека е во план да започнат со собирање на средства за реновирање на одредени домови на лица кои немаат можност тоа сами да го сторат.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, деновиве ја доби наградата за хуманост „Мајка Тереза“ која ја доделува Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“ по повод 5 септември, денот кога во 1997 година во Калкута почина најголемата хуманистка во светот, постхумно прогласена за светица. Оваа награда на градоначалникот му беше доделена за проектот „Нула глад“, кој општината која тој ја раководи, го реализираше во соработка со „Банка за храна“.

Какво е чувството да се добие оваа престижна награда за хуманост ако се има предвид дека нејзини добитници меѓу другите се: поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, музичката икона Тоше Проески, Црвениот крст на Македонија, Црвениот крст на Град Скопје… и што за вас претставува таа?

– Да бидам искрен, кога ми кажаа дека сум меѓу избраните добитници не ја знаев тежината на наградата. Тогаш беше периодот кога го отворавме новото училиште  “Киро Глигоров” во населбата Капиштец. Два дена пред свечениот чин кога видов дека сум добитник, дури тогаш сфатив дека се работи за големо признание за нас како општина, бидејќи без моите колеги кои напорно работат, немаше да ги оствариме сите активности со кои сакаме да им излеземе во пресрет на граѓаните.

Оваа награда е еден мотив повеќе за другите планирани активности што ги започнуваме да ги завршиме успешно, а тие што веќе ги имаме, да ги подобриме.

Кажете ни малку повеќе за проектот, поточно за акцијата за која ја добивте оваа награда, што Ве поттикна на тоа?

– Станува збор за проект што го работиме со „Банката за храна“. Преку Министерството за труд и социјална политика обезбедивме список со 150 социјални семејства кои живеат на територијата на општина Центар, а кои имаат помалку од еден оброк дневно. Со општествено-одговорни компании успеавме да направиме пакет со над 20 продукти и на тој начин им овозможивме на овие семејства еднаш дневно да направат ручек, односно да имаат еден оброк. И тоа го правиме секој месец. Воспоставивме соработка со повеќе маркети кои донираат за да можеме да го реализираме сето тоа и постепено настојуваме да го зголемиме пакетот.

Дали оваа акција планирате да ја проширите?

– Нашата цел е да направиме лично ние, како општина, барем еднаш дневно на овие семејства да им подготвуваме оброк. Имаме идеја во дел од нашите простории да подготвуваме ланч пакети за 150 семејства, за секој член одделно. За ова разговараме со ресторани што имаат вишок на храна. Ова е нешто поспецифично и затоа би требало да се вклучат неколку институции и сакаме тоа да биде контролиран процес. Реално, ќе ни бидат потребни два до три месеци подготовки, бидејќи реализацијата не зависи само од нас. Сепак, станува збор за храна.