Богдановиќ го поништи решението за изградба на Шпански скали

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, донесе решение со кое го поништи и го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица „11 Октомври“ бб во централното градско подрачје.

Надлежните во општината констатирале, дека инвеститорот во рок од две години по правосилноста на решението, колку што пропишува Законот за градење, не започнал со изградба на објектот. Според член 66 став 1 од Законот, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Со поништеното решение вон сила се става изградбата на Шпанските скали на плоштад „Македонија“.

Во 2015 година, Општина Центар издаде дозвола за изградба на објектот, а советниците на Град Скопје, дадоа зелено светло за Шпанските скали, бидејќи површината на која тие требаше да се градат е под надлежност на Градот.

Според идејното решение, кое го обезбеди тогашниот министер за транспорт и врски, без да го објави авторот, зградата, во чиј склоп ќе бидат и скалите требаше да биде висока 16 метри, односно приземје плус 3 ката.

Освен скалите, од двете страни на главниот влез беа предвидени две кочии со коњи, а низ целиот објект од надворешната страна околу 25 скулптури.

Скалите требаше да ги гради компанијата „Амадеус Девелопмент“. На електронската аукција фирмата понуди 93.100 денари за метар квадратен или вкупно 1.580.000 евра за парцелата од 1046 квадрати за објект за комерцијални и деловни намени во стил на барок.

За изградба на барокната зграда инвеститорот беше ослободен од комуналии од тогашното мнозинство во Советот на Град Скопје, соопштуваат од Општина Центар.