Во август Скопје е најубаво, затоа што тогаш „тешки опинци не го газат градот“. Oва е само дел од последната објава на еден од можеби, најактуелните инстаграм профили во последно време. Боемот пишува на тема гужва, сообраќај и некултура во главниот град.
„Во 1963 земјотресот го уништи Скопје. Од тој ден па наваму, Скопје го уништува единствено човечкиот фактор“, започнува тој во својата објава.
Понатаму вели дека „градот убав никнал“, но за жал ние не успеавме од Скопје да направиме „град кој ќе биде радост“.
„Кензо Танге успеа да го испроектира градот, но не успеа да се справи за подецнежниот феномен на квази-елитизам, градски шлајм и синдром на ниски вредности чија најголема сатисфакција вртење три кругчиња низ Дебар Маало со нивната кола со затемнети стакла“, додава тој во инстаграм објавата.
Вели и дека градот му се допаѓа за време на летниот период, кога е празен и кога се функционира побрзо и полесно.
„Ми се допаѓа Скопје кога е празно затоа што можеш на раат да одиш на Водно, Матка, Кучково во тишина и без гужва. Тогаш Скопје успева да ја добие потребната тишина и на раат да се одмориш како што треба“, коментира Боемот на оваа тема.
Неколку зборови додава и на тема паркинг во Скопје.
“Овој дел од годината е единствениот период кога со кола можеш да стигнеш во нормален период од едниот до другиот крај на градот за 20 минути. И нормално, одма да најдеш паркинг пред зграда, за разлика од другите 11 месеци кога вртиш 3 кругчиња за да паркираш ко што треба“, нагласува тој.
Целата објава за Скопје, неговите мани и позитивни страни може да ја прочитате на неговиот инстаграм профил.