Боемот и Филип од РВР Бренд: Со „Идентитет“ ја искажуваме приказната која се темели на искрени македонистички идеали

Oд неодамна во јавноста се појавија интересни маички кои на себе носат отисок од прст,  македонското знаме, кратка и силна порака „Идентитет“.  Идејата ја потпишуваат познати инстаграм ликови, првиот е Боемот, а вториот е Филип Арсовски кои стои зад rvr.brand.

Реакциите на јавноста се одлични, а и ние исто така сме согласни дека станува збор за убав дизајн кој е отпечатен на маички во црна и бела боја. Веројатно од два млади и креативни умови, може да се очекуваат уште многу вакви, убави и модерни идеи кои будат емоции, а предизвикуваат внимание и интерес во јавноста. 

За мотивот и пораката на креативниот проект „Идентитет“ денес разговараме со дечките кои стојат позади оваа добра идеја.

На почетокот велат дека идејата произлегла како резултат на долго пријателство помеѓу нив. Додаваат дека отсекогаш ги интересирале општествени теми, па така многупати досега нивните разговори се темелеле на актуелни случки кои ја засегаат пошироката јавност.

„А сега, како никогаш досега „пошироката јавност“ е нем сведок на сите анти-македонски дејствија на етерот. Во времиња кога се цензурира сѐ македонско - единствен отпор на оваа „демакедонизација” е со масовно прикажува на националните симболи“, потенцираат тие и велат дека зад маичката има приказна.

„Баравме нешто специфично кое ќе може да укаже на нашата автентичност. Поточно, отисокот од прст е нешто кое е наше, автентично и никој не може да ни го одземе. И нашиот идентитет е ист како отисокот од прст - никогаш нема да можат да ни го одземат“, раскажуваат Боемот и Филип.

Додаваат дека со маичките „Идентитет“ се обиделе да ја искажат нивната патриотска приказна која се темели на искрени македонистички идеали.

“Ни причинува големо задоволство што многу чесни родољуби веќе почнаа редовно да ја носат оваа маичка и да ги бојат улиците во црвено-жолтата боја која на сите нам ни е омилена“, коментираат тие.

Велат дека интересот е поголем од очекуваното и откриваат дека добиваат пораки од најмлади - дечиња во основно и средно училиште, студенти, па сè до луѓето кои ги живеат нивните пензионерски денови.

Маичката доби на популарност пред неколку дена на протестот организиран од страна ВМРО ДПМНЕ, каде потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски се појави со маичка на која стоеше натписот „Идентитет“.  Поради тоа ги прашавме колку „Идентитет“ е политички проект и што мислат тие за ова. 

“Особено чест и задоволство ни причинува што градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски ја актуелизираше оваа маичка носејќи ја во текот на неговите активност. Отпосле, и други јавни личности изразија интерес за истата. Иако интересот е голем од сите возрасни групи, најмногу од сè нè радува тоа што младите покажуваат голем интерес кон маичката „Идентитет“. Иднината е во младите, а само здрава младина која ја почитува својата нација може да има просперитетна иднина“, велат тие.

„Идентитет“ е одличен проект, но кои се плановите за во иднина?

Велат дека конкретни планови засега нема, но генерално сакаат да продолжат во оваа насока, односно да вадат нивни автентични дизајни - три пати годишно и така да продолжат да ги шират вредностите во кои веруваат.  

Разговорот го завршивме со констатација дека „да си Македонец е во мода“, а Филип и Боемот велат дека со ваквите проекти ја следат модата.