Бочварски: И во време на пандемија во фокусот се капиталните инвестиции и инфраструктурата

Владата и Министерството за транспорт и врски и во време на пандемија со Ковид-19 остануваат со силен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на инфраструктурата. Ги отстрануваме пречките во проектната документација за изведувачите да можат да работат непречено, а мерките за поддршка на граѓаните од четвртиот сет, не ги загрозуваат капиталните проекти и продолжуваме да работиме со силен интензитет, порача министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска во работна посета на Крива Паланка.

Тој заедно со директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, вицепремиерот Љупчо Николовски и градоначалникот Борјанчо Мицевски извршија увид на завршените активности за асфалтирање на неколку регионални патишта финансиски поддржани од Платежната агенција.

-Се гради насекаде околу Крива Паланка и во овој регион кој беше запоставен изминатата деценија. Се инвестираат околу 87 милиони евра за 110 километри патишта, за реконструкција и доградба на трета лента на А2 магистралниот пат од Коридорот 8, Крива Паланка – Деве Баир. Земаат замав градежните работи на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, а се обновува и патот Куманово -Страцин. Многу е важен и регионалниот пат кој води кон Голеш, граничен премин со Република Србија, кој е асфалтиран по четири децении, рече Бочварски.

Општина Крива Паланка преку Програмата за рурален развој доби грант од 43 милиони денари за четири проекти. Три реализираше општината, а еден е во партнерство со Центарот за развој на Североисточен плански регион.

– Општината искористи средства од 43 милиони денари за кои ДДВ-то го плаќа локалната самоуправа. Инвестирани се вкупно околу 50 милиони денари за три регионални патишта и патот до манастирот св. Јоаким Осоговски, со што преку Програмата за рурален развој се овозможува рамномерен развој на сите региони во државата, развој на руралниот и манастирскиот туризам. На тој начин Владата овозможува локалната заедница и младите да ги развијат малите и средни претпријатија и да останат во заедницата, да се искорени поранешниот тренд на иселување на населението. Ние ќе продолжиме и понатаму да обезбедуваме нови средства за вложување во развојот на сите региони, изјави директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.