Боби Христов прогласен за технолошки вишок, ССНМ бара Телма да ја преиспита одлуката

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изрази загриженост поради најавите за отпуштање новинари и медиумски работници во ТВ Телма во рамки на нова систематизација и програма.

Од ССНМ соопштија дека по целодневна комуникација, запознавање со случајот и консултации со својот правен тим, целосно застануваат зад својот член Боби Христов.

Според известувањето доставено до Синдикатот, ТВ Телма започнува процес за прогласување технолошки вишок, заедно со нова програма и прераспределба на работните позиции. ССНМ тврди дека реорганизацијата е насочена кон едно лице – долгогодишниот уредник и новинар Боби Христов, чија работна позиција, според Синдикатот, целосно се укинува и се прогласува за технолошки вишок. Од ССНМ велат дека случајот отвора прашања не само за работничките, туку и за професионалните права и слободата на новинарите, имајќи предвид дека станува збор за новинар со долгогодишно искуство.

„ССНМ смета дека ваквите сериозни структурни промени во медиумите кои имаат за задача да го штитат јавниот интерес мора да се прават внимателно, според сите законски прописи, но и имајќи ја предвид чувствителноста на состојбата во медиумската сфера“, се наведува во соопштението.

Синдикатот предупредува и дека промените се случуваат во период кога, според нив, во Македонија има недостиг од нови кадри во медиумите, особено од независни новинари со професионален кредибилитет. ССНМ го повика раководството на ТВ Телма уште еднаш внимателно да ја разгледа одлуката за прогласување технолошки вишок и целосно да ги земе предвид правата на работниците.